ПРВАТА СИМПАТИЈА ЈА ФАТИВ ЗА РАКА НА „ПРЕД ДОЖДОТ“, РЕЧЕ САШКО КОЦЕВ НА ОТВОРАЊЕТО НА „МАНАКИ“, А ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВА КАЖА ДЕКА БИЛА ВО ИЗОЛАЦИЈА СО „НЕМА ДА СИ САМА“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Актерите Јелена Јованова и Сашко Коцев беа водители на отворањето на Фестивалот на филмска камера „Манаки“, сношти во Битола. На духовиот начин, Коцев и Јованова ги поврзаа македонските филмови со важните години и случувања од нивниот живот, почнувајќи од нивното раѓање, детство, дипломирање, раѓање на нивните деца.

„Се родив со ‘Црвениот коњ’, замислете каква симболика“, рече Коцев. Актерот е роден во 1981, истата година кога излезе филмот на Столе Попов.

„Проодев со ‘Јужна патека’, на школо тргнав со ‘Хај-фај’. Првата симпатија ја фатив за рака со ‘Пред дождот’“, кажа Коцев за филмовите на Стево Црвенковски, Владимир Блажевски и на Милчо Манчевски, а ги спомена и филмовите „Џипси меџик“ на Столе Попов, „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, „Прашина“ на  Манчевски и „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски.

Јелена Јованова и Сашко Коцев ги поврзаа македонските филмови со важни години и случувања од нивниот живот и од сцена сликаа самослик со публиката. (Фото: „Браќа Манаки“)

„Првата промашена љубов ја имав со ‘Џипси Меџик’ и ‘Преку езерото’, се запишав на факултет на ‘Прашина’, а дипломирав со ‘Бал-кан-кан’“, рече тој.

Коцев со насмевка се сети дека почнал да игра фудбал, а потоа престанал, со филмот „Трето полувреме“ на Митревски каде што играше една од главните улоги.

„Се оженив ‘До балчак’, а дете добив со ‘Исцелител’, кажа Коцев за филмовите на Столе Попов и Ѓорче Ставрески. Неговата ќерка Јоана се роди во 2017. Рече и дека два пати прележал ковид, првиот пат за време на филмот „Хомо“, на Игор Иванов, а втор пат за време на „Мими“ на Даријан Пејовски.

Слична приказна, со различни години и филмови има и Јелена Јованова. Таа била заразена со ковид и лежела изолирана минатата година, токму кога излезе филмот „Нема да си сама“, дебито на Горан Столевски.

„Се родив кога излезе ‘Нели ти реков’, и целиот живот ги слушам тие зборови. Се запишав на Академија кога излегоа ‘Како лош сон’ и ‘Време за плачење’, но се омажив со ‘Медена ноќ’“, кажа Јованова за филмовите на Антонио Митриќески, Коле Ангеловски и Иво Трајков. Важна година за неа е 2020, кога во Загреб го роди синот Јаков. Таа година излегоа филмовите „Стела“ на Стојан Вујичиќ и „Другарот“ на Димитар Оровчанец.

„Син ми го родив кога излегоа ‘Стела’ и ‘Другарот’“, рече актерката .

 

Фото: Оскаровецот Питер Бижу, кој ја доби наградата Златна Камера 300 за животен опус, ги фотографираше Јованова и Коцев на сцената. (Фото: „Браќа Манаки“)

 

М. ЏАРОВСКА