ДВЕ ВЕЧЕРИ НА ПМГ РЕКОРДИНГС ФЕСТИВАЛ ВО СКОПЈЕ, ГОСТУВААТ САРА РЕНАР И МЕТЈУ ЏОНСОН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска и на 14 октомври, во Скопје ќе се одржи фестивалот на ПМГ рекордингс, кој оваа година нуди програма со електронска, поп, рок и џез музика.

Првата фестивалска вечер е во клубот „Станица 26“. Гостинка е хрватската кантавторка Сара Ренар. Од домашната сцена ќе се претстават два бенда, „ПМГ колектив оркестар“ и „Сетстет“, како и Александар Гавровски. По полноќ се продолжува со електронската музика и диџеите Мирко Попов, Илина Ангеловска и Виолета Качакова.

Втората вечер ќе се одржи на 14 октомври во Денсинг салата на Младински културен центар. Главната ѕвезда ќе биде канадскиот музичар и инструменталист Метју Џонсон, а со него на сцената ќе настапат диџеи од македонската електронска и поп сцена, како Јанг Деди, 5Р+Домчуга, Горан Кан, Андреја Салпе и Вански.

Уметникот и професор Велимир Жерновски отстапи свој цртеж од серијата „:Memoris#000:“ за изработка на визуелниот промотивен материјал за годинашниот фестивал.

Влезниците за првата фестивалска вечер се достапни онлајн по цена од 300 денари, за втората чинат 350, а се продаваат и блок билети за 600 денари.

 

Фото: Гостинка на првата вечер е хрватската кантавторка Сара Ренар