БРУНО МАРС ГИ СОБРА СИТЕ ГЛАВНИ НАГРАДИ ГРЕМИ, ЖЕНИТЕ НЕ ОСВОИЈА РЕЧИСИ НИШТО

Њујорк, (разни извори)

Сите очекуваа голема борба помеѓу Кендрик Ламар и Џеј Зи на 60. доделување на музичките награди Греми во Њујорк, а шоуто и главните трофеи им ги украде Бруно Марс, во вечерта во којашто жените речиси ги снема од листата наградени.

Музичарот роден на Хаваи ги собра трите најпрестижни награди, вклучувајќи ја и онаа за албум на годината („24-каратна магија“), што критиката предвидуваше дека ќе ја освои „По ѓаволите“ на Ламар. Марс, исто така, освои Греми за најдобра снимка („24-каратна магија“) и за најдобра песна („Тоа е она што го сакам“).

Џеј Зи имаше најмногу номинации годинава, осум, а дома си замина со празни раце, откако Кендрик Ламар ги собра сите четири награди во рап категоријата. Ламар на крајот имаше пет награди од седум номинации.

Канадската пејачка Алесија Кара е најдобар нов артист, во еден од ретките триумфи на женските изведувачи. Од вкупно 86 категории, тие победија само во 17.

Леди Гага беше меѓу учесниците кои ја поддржаа кампањата против сексуалното вознемирување „Времето истече“, носејќи бела роза (Фото: АП)

Ед Ширан е поп изведувач на годината, однесувајќи ја и наградата за најдобар поп албум („Поделено“).

Леонард Коен, кој почина во ноември 2016 година, посмртно доби Греми за најдобар рок изведувач, а во рок категоријата уште триумфираа „Мастодон“ (метал), „Фу фајтерс“ (најдобра песна – „Бегај“) и „Вор он драгс“ (најдобар албум – „Подлабоко разбирање“).

Бруно Марс доминираше и во аренби категоријата, освојувајќи три од четирите награди, при што ги има најдобрите албум („24-каратна магија“) и песна („Тоа е она што го сакам“).