Низ светот постојат најразлични необични музеи, како музеј на сексот, музеј на сладоледот, музеј на фризурите, но сите тие се базираат врз веќе проверена формула на изложени поставки во класично опкружување.

Јапонскиот експериментален уметнички колектив „Тимлеб“ планира нешто сосема поинакво.

Составена од таканаречени ултратехнологисти, што вклучува дизајнери, компјутерски научници, инженери и програмери, групата планира да отвори музеј од 10.000 квадратни метри во Токио, што ќе биде опремен исклучиво со дигитални дела.

Тој нема да биде отворен пред летото, па малку се знае какви инсталации ќе содржи. Но, интерактивната дигитална уметност на групата ќе се простира и ќе се движи по ѕидовите и подот. Според директорот на комуникации на „Тимлеб“, Такаши Кудо, тоа ќе создава извонредно искуство.

„Секој ден искуството ќе биде поинакво. Ќе има различни пројектори и монитори и луѓето ќе можат да бидат дел од делата. Тука нема да има граници. Ако сликате на платно, секогаш има граници, ако правите скулптура, не можете да ја измените, но дигитална уметност секогаш може се да измени, затоа што дигиталниот свет, всушност, не постои. Ние сакаме да ги внесеме луѓето во нашата уметност“, вели Кудо.

„Тимлеб“ го истражува ова поле веќе 15 години и има изложувано свои инсталации во Лондон, Сиднеј и Истанбул.