Во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје вечерва во 20 часот се отвора шестата по ред меѓународна изложба „Сè што ни е заедничко“. Кураторка на изложбата е Јованка Попова.
Поставката содржи дела од Дарко Алексовски (Македонија), Мерием Бенани (Мароко/САД), Оријан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада/Франција), Илија Прокопиев (Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (Македонија), Дријант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (БиХ/Австрија).
На отворањето ќе присуствуваат уметниците Игор Грубиќ, Јакуп Фери, Дарко Алексовски и Зорица Зафировска, а кустос-водичот Бојана Јанева ќе ја води публиката низ музејската тура.
„Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања, како глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман на мигрантите, суровост врз животните и здравствени кризни состојби. Ставен е нагласок на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез од личното и политичкото затвореништво“, вели Попова.
(Фото: Од отворањето на изложбата во 2019)