ТЕЈЛОР СВИФТ СТАНА МИЛИЈАРДЕРКА ПО РЕКОРДНАТА ТУРНЕЈА И КОНЦЕРТНИОТ ФИЛМ

САД, (Си-Ен-Ен)

Тејлор Свифт има да додаде уште едно признание во нејзината долга биографија: омилената поп ѕвезда на Америка сега е милијардерка, според анализата на „Блумберг“.

Според индексот на милијардери на „Блумберг“, нето богатството на Свифт сега е 1,1 милијарда долари, благодарение на рекордната турнеја „Ери“ која дури помогна да се зајакне американската економија ова лето. „Блумберг“ објави дека Свифт е една од ретките пејачки која го достигнала тој статус само врз основа на нејзините музика и пеење.

Во првиот викенд концертниот филм на Тејлор Свифт заработи околу 96 милиони долари. (Фото: Гети)

Свифт доминираше не само во арените, туку и во киносалите. Во првиот викенд од прикажувањето, концертниот филм „Тејлор Свифт: Турнејата Ери“ заработи околу 96 милиони долари на киноблагајните во САД и Канада.

Турнејата „Ери“ би можела да заработи 2,2 милијарди долари само од продажбата на билети во Северна Америка.

Пејачката стана културен феномен, но има и економско влијание. Во градовите каде што настапуваше Свифт, се зголеми користењето на јавниот превоз и на сместувачките капацитети. Санта Клара, технолошки град во северна Калифорнија, накратко стана „Свифти Клара“, а во Сиетл, танцувањето на фановите предизвика сеизмичка активност, за која еден сеизмолог рече дека била еднаква на земјотрес со јачина од 2,3 степени.

Ѕвездата сними и ново издание на албумот „1989“, кој доби 10 номинации за Греми кога првпат беше објавен. Овој албум е награден со Греми за албум на годината и остана 325 недели на топ-листата во Велика Британија.