По 21 година, „Аморфис“ се врати во Македонија за да го потврди својот статус на кралеви на мелодичноста во металот. Гостувајќи во рамките на турнејата насловена според нивното последно студиско издание „Хало“, финските ветерани се задржаа на материјалот од (по)новите албуми, но направија голем ќеф со навраќањето на нивните почетоци и сега веќе легендарниот албум „Tales from the Thousand Lakes“ од 1994.
Македонија по обичај ја нема на мапата на големи метал турнеи и оваа беше исклучок. „Аморфис“ со себе ги доведе и „Солстафир“ (Исланд) и „Лост сосаети“ (Финска), со што публиката во Младински културен центар во Скопје, дојдена од сите страни на државата, па и од странство, доби три стилски сосема различни концерти.
А, почетокот доцнеше цел час, зашто поради проблеми што гостите ги имале на границата доцнеа и подготовките за концертот. Но, публиката беше трпелива.
Обврската да го размрда подиумот по толку многу чекање му припадна на финскиот металкор бенд „Лост сосаети“, чија најсилна страна беше добриот контакт со публиката, а музички, брзо ќе се заборави.
Иако исландски кул на сцената, повеќе искреност имаше во настапот на пост-метал ѕвездите „Солстафир“. Во нивните песни преовладуваат меланхоличност и студена атмосферичност, но имаат и доволно жестина и грув за да ја понесат публиката. Адалбјерн Тригвасон е пример за харизматичен фронтмен, но и остатокот на бендот одлично се вклопува во целата приказна.
Хедлајнерите „Аморфис“ отсвиреа рутинерски и траеја кратко, имајќи ја предвид нивната тридецениска дискографија. Но, тоа е маната на вакви турнеи. Се чини кои било десетина песни да беа во репертоарот, пак ќе се постигнеше истиот ефект. Од „Black Winter Day“ до „On the Dark Waters“ изминаа 28 години, а бендот сѐ уште има капацитет да произведува препознатливи мелодии и хитови, колку и да тие не постојат во металот.
Ова беше второ гостување на „Аморфис“ во Скопје, повторно во организација на „Пасворд продукција“, кој со овој концерт направи мало загревање за 25. Таксират.
Г. КОНЕВ
Фото: Фејсбук/ З. Икарус