Дарко Гелев- Брејк се изненади од топлиот и еуфоричен прием на публиката, на концертот на „Нокаут“ сношти (петок) во Филхармонијата. Брејк, кој се занимава со приватен бизнис и не е музички активен, беше гостин на акустичниот концерт на „Нокаут“ во Скопје, а реакцијата на публиката веднаш покажа дека тоа е вистински потег.
„Кога бев многу млад, поминував покрај Дом на градежници, тогаш уште ги имаше оние стари вентилатори. Слушнав бенд како свири, ѕирнав зад вентилаторот од надвор, и внимание ми привлече пејачот, не ми беше познат. Години подоцна, патиштата ни се вкрстија. Му напишав песни кои стоеја во фиока. Кога го прашав Брејк дали сака да пее, ќе ми кажеше: ‘Не ми се пее, остави ме, во некои бизниси сум’, рече фронтменот на бендот, Никола Перевски- Пере за својот пријател. Брејк кажа дека не верувал оти ќе доживее такво нешто и се пошегува дека лигавиот дел од концертот е негов.
„Има една песна која ми стоеше во фиока, и Пере пред некое време ме праша: ‘Тато, која ти е оваа песна, убава ти е’. А јас му одговорив: ‘Будало, па тоа е твоја песна’, рече Брејк.
Првиот, од трите закажани концерти на „Нокаут’ истовремено беше концертна промоција на новиот албум, и враќање во добрите стари времиња, на крајот од деведесетите кога тогаш шармантната четворка беше уникатна појава со „Еј, би си“ и „Телефонскиот број не постои“. Овие песни изостанаа од репертоарот, но секогаш е големо задоволство да се слушнат „Илјада причини за крај“ или „Би се викал те сакам“, особено во акустична верзија, во таква една домашна и топла атмосфера со убаво уредена сцена. Цвеќињата на крајот од концертот, Пере и Брејк им ги подарија на дамите од публиката.
„Нокаут“ никогаш досега не звучеле толку зрело. Постојат 26 години со паузи, со состав кој се менуваше низ годините, и ненаметиливо, благодарение само на убавите песни добија верна публика чија бројка расте. „На еден од нашите претходни концерти, во публиката имаше баба, мајка и ќерка“, ни изјави Перевски претходно.
Со Брејк, Пере заедно ја испеа и „Лебедот бел“, чиј автор е тој, а Брејк ја отпеа првата верзија на овој хит, како и „За нас“, еден од првите хитови на Брејк. „Во Бестрага“, остана за бис, а Гелев клекна, и ѝ се поклони на публиката. Концертот го организираше продукција „Сцена“. Вториот концерт е вечерва (сабота), а третиот на 2 декември во Филхармонијата.
М. ЏАРОВСКА