УНИОН БЕРЛИН Е ПРВИОТ КЛУБ ВО БУНДЕСЛИГАТА КОЈ НАЗНАЧИ ЖЕНА ЗА ТРЕНЕР

Берлин, (Ројтерс)

Унион Берлин испиша историја откако стана првиот клуб во германската Бундеслига кој назначил жена за помошен тренер.

Ова следува откако тренерот Урс Фишер доби отказ по девет порази во серија, што е голем колапс на клубот кој минатата сезона заврши на четвртото место и сега игра во Лигата на шампионите. Како привремено решение екипата ќе ја води тренерот на младинците Марко Гроте, а прв помошник, односно помошничка ќе му биде Мари-Луиз Ета.

Триесет и двегодишната Ета имаше успешна играчка кариера во Турбине Потсдам, со која освои три титули во Бундеслигата и една во Лигата на шампионите, а се пензионираше во 2018. Како тренер има работено во младински екипи, а на 25 ноември ќе стане првата жена на тренерската клупа во историјата на Бундеслигата кога Унион ќе се сретне со Аугзбург.

(Фото: Имаго)