Еден од најуспешните женски бендови „Грлс алауд“ ќе се обедини за стадионска турнеја следната година во чест на починатата членка Сара Хардинг. Надин Којл, Черил, Никола Робертс и Кимберли Волш ја објавија оваа вест преку видео на социјалните мрежи.
„Објавуваме стадионска турнеја за мај/јуни 2024. Тоа ќе биде славење на Сара, нашата музика и на нашите неверојатни фанови“, велат тие во видеото.
Хардинг, која имаше 21 топ-10 хит со групата, почина на 39 години од рак во 2021.
„Сѐ досега не изгледаше исправно дека треба да го направиме тоа без неа. Сега се чувствуваме доволно силно емоционално“, изјави Черил.
Формирана во 2002 преку реално ТВ-шоу, „Грлс алауд“ постоеше само седум години, но останува најпродаваната британска женска група во овој век. Откако се распадна во 2009, групата одново се состави за турнеја во 2012/13, додека планираното обединување за 20-годишнината не се оствари поради болеста на Хардинг.
Којл најави дека на концертите би можел да биде искористен и дел од оригиналните вокали на Хардинг. Турнејата ќе почне на 18 мај во Даблин, а засега се планирани 15 датуми.