Изборот на Дензел Вашингтон да го глуми древниот картагински генерал Ханибал во нов филм на „Нетфликс“ предизвика мали контроверзи во Тунис, татковината на големиот воен заповедник.
Медиумите во Тунис и членови на тамошниот парламент негодуваат што Ханибал ќе биде прикажан како црн Африканец. Пратеникот Јасни Мами посочи дека Ханибал, кој бил роден во 247 година пред нашата ера во Картагина, денешен Тунис, бил од западноазиско семитско потекло.
„Постои ризик од фалсификување на историјата. Треба јасно да заземеме позиција по ова прашање“, изјави Мами.
Тунискиот весник „Ле Прес“ пишува дека прикажувањето на Ханибал како црн Африканец е историска грешка.
Министерката за култура Хајет Кетат-Гвермази беше полиберална по ова прашање.
„Тоа е фикција. Правото на ‘Нетфликс‘ е да прави што сака. Се надевам дека барем еден дел од филмот ќе се снима кај нас“, кажа таа.
Сѐ уште неименуваниот филм ќе го режира Антоан Фукуа, а сценариото го пишува трикратниот оскаровец Џон Логан.