Со изведба на дела на Штраус, Брамс и Калман, Оркестарот под покровителство на Охридско лето синоќа во салата „Билјана“ во хотелот „Метропол“ во Охрид одржа свечен новогодишен концерт.
Во предпразнична атмосфера, публиката уживаше во одличниот концерт на мешовитиот камерен состав диригиран од Бисера Чадловска.
Изведбата на одбраните класични композиции публиката ја награди со долги аплаузи, а со ракоплескање го проследи и ритамот на Радецки марш од Јохан Штраус.
Од Охридско лето велат дека интересот за вака убав концерт е голем и најавија дека традиционално ќе се организира како можност за уживање на љубителите на врвната уметност, но и како збогатена културна понуда на градот во текот на целата година.
„Веќе трета година организираме новогодишен концерт на радост на публиката а од друга страна ја прошируваме програмата и надвор од традиционалната рамка, 12 јули – 20 август. Реализирањето на настани преку цела година, едно вакво континуирано делување со програмски содржини, се покажа како потреба. Со тоа успеваме да ја збогатиме културната понуда на градот но исто така ги реализираме зацртаните цели, Фестивалот да ја прошири фестивалската програма и во текот на целата година“, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.
С. ВРЕНЦОВСКА