ЧИЧКО МАЕСТРО НЀ ВИКАШЕ ЗЛАТНИ ГАВРАНЧИЊА, ВЕЛИ БРАНКА КОСТИЌ-МАРКОВИЌ КОЈА СО МАРКО КОЛОВСКИ НАПИША КНИГА ПОСВЕТЕНА НА АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музиколозите Бранка Костиќ-Марковиќ и Марко Коловски ја напишаа книгата „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата“, посветена на композиторот Александар Џамбазов, која ќе се промовира по Нова година.

„Книгата е збирка на детски песни наменета за деца од предучилишна и училишна возраст, во која изборот е направен од страна на самиот автор, познатиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов. Тој во периодот од 2014 до 2016 во соработка со авторот на нотографиите, музикологот Марко Коловски, издвоил 52 песни, своевидни детски евергрини за сите генерации. Насловот на збирката не е случаен. Јас како негово поранешно ‘славејче‘, солист на фестивалот Златно славејче и хорист на детскиот хор ‘Развигорче‘, кој беше редовна хорска придружба на фестивалот, живо паметам дека ние Александар Џамбазов, диригентот кој со љубов стоеше пред нас на настапите во живо во Универзалната сала, од милост си го викавме чичко Џамбаз или чичко маестро Џамбаз. А, тој возвратно, на шега, нѐ нарекуваше златни гавранчиња. Затоа оваа публикација ми е особено драга и во таа смисла посебно сум му благодарна на мојот колега, музикологот Марко Коловски, што ми ја укажа довербата заедно да работиме“, кажа Костиќ-Марковиќ.

Бранка Костиќ-Марковиќ како дете пеела на Златно славејче (Фото: Приватна архива)

Во книгата има и податоци за Џамбазов и за неговото творештво за деца. Се наоѓаат и нотографии и стихови на 52 детски песни, од кои најголем дел се испеани на Златно славејче.

Костиќ-Марковиќ вели дека книгата се издава со дозвола на децата на маестро Џамбазов, актерот Игор Џамбазов и архитектката Татјана Џамбазова, која живее во Америка.

„Игор и Тања дадоа дозвола да се објави книгата. Татјана е воодушевена и ми рече дека би сакала да се преведе на англиски јазик и таа да инвестира во тоа“, ни изјави Бранка Костиќ-Марковиќ.

Музикологот Марко Коловски со маестро Александар Џамбазов (Фото: приватна архива)

Марко Коловски вели дека идејата за издавање збирка со избор од опусот детски песни на маестро Александар Џамбазов е од средината на 2015.

Книгата ја издава „Поинтер“, а во неа има 52 песни од Џамбазов (Фото: Фејсбук)

„Неговиот музички ракопис беше специфичен, прегледен, убав за око. Во тој момент немаше услови за издавање на збирката и подготвениот материјал остана да чека подобри времиња. Во меѓувреме, за жал, маестро Александар Џамбазов се пресели во светот на бесмртните. Објавувањето остана како незавршен и неискажан аманет и особено ми е драго што денес, макар и по неговото физичко заминување од овој свет, овој сегмент од неговиот вечен опус ќе остане да живее со нас и во ваква писмена форма“, вели Коловски.

М. ЏАРОВСКА