ЛОНДОН ЗАРАБОТИЛ 178 МИЛИОНИ ФУНТИ ОД ДИГИТАЛНИТЕ КОНЦЕРТИ НА „АББА“

Лондон, (Ројтерс)

Лондонските власти велат дека дигиталните концерти на „АББА“ му донеле нето заработка на градот од 178 милиони фунти во првата година. За потребите на концертите „ABBA Voyage“ беа создадени високотехнолошки, дигитални верзии на членовите на групата од 1970-тите, кои настапуваат во специјално изградена сала во Лондон.

Од отворањето во мај 2022, шоуто го имаат видено повеќе од еден милион луѓе, остварувајќи вкупен промет од 322,6 милиони фунти. Билет за стоење чини над 100 фунти за некои настапи следното лето, што е на нивото на мегауспешната турнеја на Тејлор Свифт, „Ери“, која доаѓа во Велика Британија идната година.

Придружувани од цел бенд, аватарите на „АББА“ изведуваат 20-ина песни за 90 минути, а специјалните ефекти и осветлувањето дополнително создаваат илузија на шведските поп-ѕвезди на сцената. Целиот проект беше развиен во соработка со компанијата за специјални ефекти на Џорџ Лукас.