АМЕРИКАНЦИТЕ ПИЈАТ ДОМАШЕН ТОПОЛ КОКТЕЛ СО ВИСКИ КАКО ЛЕК ЗА НАСТИНКА

САД, (Би-Би-Си)

„Хот Тоди“ во Америка е познат како пијалак кој лекува настинка, но само кај возрасните. Овој топол коктел од лимон, мед и виски потекнува од Индија. Легендата вели дека настанал на почетокот од 17. век, а името доаѓа од индискиот збор теди, што значи пијалак направен од ферментиран сок од палми.

Британците велат дека овој пијалак не е американски, туку нивни, а освен оваа, постои уште една верзија за историјата на коктелот. Некои веруваат дека ирскиот лекар Роберт Бентли Тод на своите пациенти им препишувал мешавина од топла ракија, вода, цимет и шеќер и дека коктелот е именуван според него.

За подготовка на овој коктел се потребни виски, мед, лимон, стапче цимет, анасон и цело каранфилче. Сето ова се меша во чаша, па се додава зовриена вода. Се меша додека не се раствори медот и не се соединат состојките, 10-15 секунди, а потоа се додаваат стапчето цимет, каранфилчето и анасонот.