„Арктичка бања“ е нов хотел кој се наоѓа на реката Луле во северна Скандинавија, место кое се нарекува рај со снежни шуми, што може да се пофали со риболов од светска класа и со неверојатен див свет.
Ова одморалиште во Лапонија, во најсеверниот дел на Шведска, кое треба да се отвори во втората половина од годинава, изгледа како буквално да лебди на средината на реката.
„Арктичка бања“ се најавува како хотел кој ќе понуди мешавина на луксуз и природа – инспирирана од дивата шведска природа.
Хотелот ќе биде отворен во текот на целата година. Во текот на зимата, ќе биде заробен во мразот, а налето ќе плови на реката.
„Не морате да ги копирате нештата од друго место, тоа не е интересно. Мислам дека интересни работи може да искористите од вашата историја и од вашето минато“, вели архитектот Бертил Харстром, кој работеше на проектот заедно со Јохан Каупи.
Харстром за Си-Ен-Ен вели дека дизајнот е инспириран од шведскиот традиционален начин на пренос на роба.
До средината на 20. век, трупците се користеле за транспорт по шведските водни патишта. Се случувало некое од дрвата да се заглави на брзаците и да се формираат места со пловечки трупци.
Архитектот вели дека токму оваа слика од неговото детство му била инспирација за дизајнот.
Одморалиштето има шест соби од по 25 квадратни метри, како и сауни, базен со ладна бања, спа, ресторан, бар и централна отворена бања. Гостите ќе приоѓаат по дрвена патека.
„Може да се каже дека објектот изгледа прилично затворено и ако го гледате од далечина, ќе ви биде тешко да погодите што има внатре“, вели Харстром.