НАД 4.000 ДИЏЕИ ВО СВЕТОТ ЈА ПУШТААТ НАШАТА МУЗИКА, ВЕЛАТ ОД „КАФЕ ДЕ АНАТОЛИЈА“ ОД ИСТИБАЊА, ВИНИЧКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По соработката со домашни и странски диџеи и продуценти и по настапите низ целиот свет, продукциската куќа „Кафе де Анатолија“ стана меѓународно позната. Ја основаа Зоран Илиев, познат како Били Естебан и неговите деца Моника и Никола (Nickarth) во 2017, а концептот го имале од 2009. Името Били Естебан е поради потеклото од виничкото село Истибања.

„Сега работиме со над 4.000 диџеи и продуценти од целиот свет, меѓу кои Армен Миран, Меркан Деде, Зума Динос и други, односно сите најпознати имиња од органик хаус сцената“, вели Моника Илиева.

„Кафе де Анатолија“ создава органик хаус музика со етно елементи.

„Хаус музиката со етно елементи од различни култури од целиот свет, не само од Македонија. станува тренд во музичката индустрија, а ние сме едни од главните промотори и носители на сцената, со музички каталог од 6.000 траки и спектар од над 4.000 диџеи“, вели Илиева и се сеќава на една специфична случка.

„Сите настапи за нас се значајни. Нема да ја заборавиме случката кога требаше да одиме за Индонезија со платени трошоци, билети и настап и нè вратија поради тоа што јас немав вакцина против ковид“, ни изјави Илиева.

За првите три години работа, „Кафе де Анатолија“ издаде повеќе од 300 изданија и менаџираше над 250 музичари, од кои 150 светски. Сега се меѓународно признати музичари кои промовираат чилаут, органик хаус, лаунџ, прогресив хаус, дипхаус и електронска музика. Настапуваат насекаде низ светот, а најчесто во арапските земји.

„Ние ги менаџираме сите настапи кои се под брендот ‘Кафе де Анатолија‘ така што се поврзуваме со локални ресторани и клубови, а потоа им праќаме диџеи според нивните критериуми и буџет. Имам живеено и студирано во Словенија, брат ми во Англија, а татко ми и мајка ми во Австрија. Моментално сме во Македонија и го водиме фамилијарно бизнисот“, вели Илиева.

Меѓу позначајните настапи за Били Естебан е оној на фестивалот „Ето Етно“ во Санкт Петербург, заедно со Горан Бреговиќ и Емир Кустурица.

Били Естебан досега има издадено 10 албуми, а „Кафе де Анатолија“ како музичка и продукциска куќа продуцираше над 6.000 песни.

Како семејство кое работи заедно, вели Илиева, таа, брат ѝ и татко ѝ се добро организирани.

„Секој има различна улога, но некогаш улогите се менуваат за доброто и развојот на брендот“.

„Кафе де Анатолија“ има 31 награда од Јутјуб, вклучувајќи три златни за над 1.000.000 претплатници и 28 сребрени за над 100.000 претплатници. Соработува со глобални брендови, како „Форбс“, „Армани“ и ланецот хотели „Радисон блу“, каде што настапуваат диџеи од нивната продукциска куќа, а на ревиите на „Армани“ се пушта нивната музика.

М. ЏАРОВСКА