ГИНИСОВА КНИГА НА РЕКОРДИ ЈА СУСПЕНДИРАШЕ ТИТУЛАТА НА НАЈСТАРОТО КУЧЕ ПОРАДИ СОМНЕЖИ ЗА НЕГОВАТА ВОЗРАСТ

Лисабон, (Би-Би-Си)

Португалското куче Боби стана светска вест пред една година откако Гинисова книга на рекорди го прогласи за најстаро куче во историјата. Боби угина во октомври на официјална возраст од 31 година и 165 дена, но сега се појавија сомнежи во неговата титула откако некои ветеринари ја доведоа во прашање неговата возраст.

Гинисова книга на рекорди ја суспендираше титулата и покрена истрага.

Боби беше чистокрвен рафеиро до алентежо, португалска раса чиј просечен животен век е меѓу 12 и 14 години. Неговата возраст беше потврдена од државната база на податоци за домашни миленици, со која управува Националното здружение на ветеринари, но истрагата што ја спроведе списанието „Вајрд“ утврди дека Боби бил регистриран дека е роден во 1992, но нема податоци кои го потврдуваат тоа.

Исто така, на некои стари фотографии од кучето се гледаат различни ознаки на неговото крзно.

Ниеден од моите колеги ветеринари не верува дека Боби навистина имал 31 година“, изјави Дени Чемберс од британскиот Кралски ветеринарен колеџ.

Боби го поминал целиот животен век со семејството Кошта во селото Конкеирош близу западниот брег на Португалија. Неговиот сопственик Леонел Кошта изјави дека „елита во светот на ветеринарите се обидува да ја претстави животната приказна на Боби како лажна“.