„ФАЛКОН ХЕВИ“ БИ МОЖЕЛА ДА СТИГНЕ ДО ПЛУТОН, ВЕЛИ ИЛОН МАСК

Кејп Канаверал, (Бизнис инсајдер)

Неколку часа по успешното лансирање на својата прва ракета „фалкон хеви“, најмоќна на светот, човекот кој го овозможи и изведе тоа, Илон Маск, повика на нова вселенска трка.

„Мислам дека ова ќе отвори таква можност. Сакаме нова вселенска трка. Вселенските трки се возбудливи. Ова треба да охрабри други компании и држави“, кажа Маск.

„Фалкон хеви“ сега е на пат кон орбитата на Марс, но претходно, во вселената го исфрли својот необичен товар, црвена „тесла роудстер“, која неколку часа испраќаше неверојатен пренос во живо.

„Фалкон хеви“ е на пат за Марс, но Маск смета дека таа може да стигне и до Плутон (Фото: Гети)

Маск вели дека иднината на „фалкон хеви“ зависи од клиентите, а нејзината употреба е флексибилна.

„Таа може да прави што ќе посакате. Можеме да ги засилиме нејзините перформанси според желбите на клиентите. Ако додадеме уште бустери, таа може да се претвори во ‘супер фалкон хеви‘. Таа може да оди подалеку од она што се постигна со ‘Аполо‘, да посети некој астероид, на пример. Мислам дека би можела да стигне до Плутон“, кажа Маск.

Тој призна дека проектот во три наврати бил пред откажување.

„Гледате дека луди работи, сепак, можат да се остварат. Навистина мислев дека ова нема да проработи. Ова што се случи ми е сѐ уште надреално“.

Сепак, главната атракција на целиот настан и револуционерен момент за вселенската индустрија беше прецизното приземјување на два од помошните мотори на „фалкон хеви“ неколку минути по лансирањето. Централниот бустер падна во Атлантскиот Океан.