Диџејот и продуцент Филип Деловски сношти (28 јануари) промовираше нова верзија на дуетската песна на групата „Синтезис“ и Тоше Проески, „Ој девојче“. За ремиксот, младиот диџеј доби поддршка од членовите на „Синтезис“, кои беа присутни на промоцијата.
„Оваа идеја ја имам во главата уште од 2020. Минатата година ми се случи една ситуација во која за малку ќе го загубев животот и тогаш решив веќе да не чекам, туку да го живеам животот сега. Благодарност до ‘Синтезис’ кои ми ја дадоа оригиналната верзија со дозвола од семејството на Тоше. Благодарност и до ‘Авалон продукција‘ за соработката. Кога за првпат ги слушнав оригиналните инструменти и вокали од песната, особено вокалот на Тоше, ме лазеа морници и имав трема додека работев“, кажа на промоцијата Деловски.
Ване Јовчев од „Синтезис“ рече дека Деловски завршил добра работа и тој и целата група се задоволни од модерната верзија на „Ој девојче“.
Ремиксот е промовиран на денот на роденденот на Тоше, 25 јануари, а Деловски рече дека неговата и целта на неговите соработници е со ова музичко издание да ја негуваат етно музиката на начин на кој доликува. Промоцијата продолжи со забава со останатите ремикси на диџејот.
М. ЏАРОВСКА