На 22 март во салата „Јане Сандански“ во Скопје, по пет години пауза ќе се одржи забавата „Засекогаш млад“ (Forever young 2024), која ја организира менаџерот Милорад Цајиќ-Цајо. Ретро музика ќе пуштаат диџеите Бабура Јуниор, Дела, Вера Јанковиќ, Ерик Фокс и Тута.
„По пет години, се решив да ја организирам оваа ретро журка поради големиот интерес на генерациите кои претходно биле на овие забави. Решивме да се одржи на празникот Младенци поради поврзаноста со насловот. Симболиката на овој датум ми даде идеја да ја направам на овој ден бидејќи поднасловот ‘Генерациите кои пораснаа, но никогаш не стареат’ се совпаѓа со мислата за вечно млади“, ни изјави Цајиќ.
Тој се сеќава на првата забава „Засекогаш млад“ која ја организирал во октомври 1986 во дискотеката „Огниште” во тогашниот хотел „Гранд”, а денешен „Холидеј ин”. Цајиќ вели дека таа забава го променила ноќниот живот во Скопје.
„Во првите 30 минути по 23 часот кај мојот пријател и коорганизатор Огне се појавија грижа и сомнеж да не пропадне забавата, а на нас да не ни изгорат парите што сме ги вложиле. Но, за 15 минути, пред дискотеката се направија редици од луѓе. Посетеноста беше толку голема што интервениравме за уште 200 нови влезници. Веќе за наредната забава, влезниците се продадоа три дена претходно. Фиксниот телефон дома ми изгоре од ѕвонење и морав да го исклучувам бидејќи моите не можеа да се одморат попладне. Во тоа време, по 16 часот беше време за одмор“, се сеќава менаџерот.
Цајиќ вели дека оттогаш во Скопје се отвориле бројни дискотеки и многу од менаџерите го промениле текот на ноќниот живот.
„Градот кој сите го паметиме по убавиот ноќен живот, за кој до денес се раскажува, градот кој беше синоним за младост и лудост, убави ноќни доживувања, за забави до раните утрински часови полека умира и го губи духот. Со жалење ќе кажам дека Скопје станува град на меланхолија и град кој живее од старите, но не создава нови сеќавања. Треба да се обидеме да го вратиме календарот назад и стрелките на часовникот за неколку часа поназад“, вели Цајиќ.
Тој се надева дека гостите од претходните забави ќе дојдат и на оваа на 22 март.
М. ЏАРОВСКА