Мажите кои земаат лекови за еректилна дисфункција, како што е вијаграта, можат да го намалат ризикот од Алцхајмерова болест. Истражувањето на Универзитетскиот колеџ во Лондон, спроведено во рок од пет години на повеќе од 260.000 мажи, покажа дека оние кои земале лекови имале 18% помали шанси да развијат состојба која предизвикува деменција. Но, потребни се повеќе истражувања за да се докаже ова.
Два нови лекa за Алцхајмерова болест покажаа дека има големи шанси за забавување на темпото на болеста во нејзините најрани фази. Научниците продолжуваат да бараат лекови кои би можеле да го спречат или одложат развивањето на болеста.
Лековите како вијагра првично беа развиени за лекување висок крвен притисок и ангина. Познато е дека влијаат и на активноста на мозочните клетки, а истражувањата кај животните сугерираат дека тие имаат одреден заштитен ефект врз мозокот.
Во новата невролошка студија, истражувачите од Универзитетскиот колеџ ги разгледаа досиејата за примени лекови на илјадници мажи со еректилна дисфункција, споредувајќи ги оние на кои им биле дадени лековите со оние на кои не им биле дадени.
Во текот на пет години, тие откриле 8,1 случај на Алцхајмерова болест на 10.000 луѓе во групата која ги земала лековите и 9,7 случаи во групата која не ги земала. Мажите на кои им биле издадени најмногу лекови за еректилна дисфункција имале најмалку шанси да развијат Алцхајмерова болест, што укажува на тоа дека редовната употреба на лекот може да има поголемо влијание врз болеста.
Истражувачите исто така сакаат да спроведат испитување и кај жени за да видат дали лекот има некакво влијание.
Постојат многу фактори кои можат да ја предизвикаат болеста. Студијата ги приспособи своите наоди за некои од нив, вклучувајќи ги возраста, основните здравствени состојби, други земени лекови и дали учесникот бил пушач.
„Оваа студија не докажува дефинитивно дека лековите за еректилна дисфункција го намалуваат ризикот од Алцхајмеровата болест, но обезбедува добар доказ дека овој тип на лек вреди да се проучува во иднина“, рече Тара Спајрс-Џонс од Универзитетот во Единбург и претседателка на Британското здружение на невролози.