МАКЕДОНИЈА МИ ГО ОСТВАРИ СОНОТ ОД ПРЕД 18 ГОДИНИ, РЕЧЕ ХРВАТСКАТА ПЕЈАЧКА ЈЕЛЕНА РОЗГА НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поп-пејачка Јелена Розга сношти одржа сценски богат концерт во Скопје во салата „Борис Трајковски“.

Розга, која е поранешна пејачка на групата „Магазин“ од Сплит, ги пееше нејзините песни од соло кариерата која ја започна во 2006, како и хитовите на групата кои ги напиша композиторот Тончи Хуљиќ. Розга се расплака уште на првата песна откако излезе на сцената со 12-те танчари.

„Ова го сонувам уште од 2006. Ви благодарам што ми го остваривте сонот. Ќе ви возвратам онака како што најдобро знам, со пеење“, кажа пејачката.

Јелена Розга на сцената танцуваше со 12 танчари (Фото: В. Тануровски)

Кореографиите на Розга и на танчарите се на Жига Сотлар. Салата беше преполна, а концертот се следеше на ЛЕД-екрани од 400 квадратни метри. Организаторите „Скај мјузик“ велат дека се користени преку 300 светлосни тела. Речиси секоја песна имаше посебна кореографија, своја анимација и специјални ефекти, од ласери до пиротехника.

„Последен пат кога бев во Скопје, бев во оваа сала и си помислив колку би било убаво кога би имала концерт овде. И ете, Македонија ми го оствари сонот кој го имав 18 години“, кажа таа.

Јелена Розга одржа концерт во полна сала (Фото: В. Тануровски)

„Оваа љубов, оваа енергија што ги почувствував вечерва не можат да се опишат со зборови. Им благодарам на сите, затоа што го имав можеби еден од најемотивните концерти“, рече Јелена Розга по завршувањето на синоќешниот концерт во рамките на регионалната турнеја.

М. ЏАРОВСКА