БАКНЕЖОТ НА ТЕЈЛОР СВИФТ И ТРЕВИС КЕЛСИ ПО СУПЕРБОУЛОТ БЕШЕ ФИЛМСКО ФИНАЛЕ НА ФУДБАЛСКАТА СЕЗОНА ВО САД

Лас Вегас, (Би-Би-Си)

Окружени со фудбалски фанови, камери и конфети, Тејлор Свифт се бакнуваше со своето момче Тревис Келси на теренот, откако неговиот тим Канзас Сити Чифс триумфираше на Супербоулот и ја одбрани титулата во НФЛ. Оваа сцена по мечот со Сан Франциско 49ерс во Лас Вегас беше како филмско финале на фудбалската сезона во САД, во која најголемата поп-ѕвезда на денешнината и една од најголемите НФЛ ѕвезди често беа во центарот на вниманието.

Иако беше среде мегауспешната турнеја „Ери“, Свифт од септември редовно можеше да се види на натпреварите на Келси. Пресметано е дека околу 25 секунди по натпревар во преносите беа прикажувани реакциите на Свифт на трибините.

Свифт од септември редовно можеше да се види на натпреварите на Келси (Фото: Гети)

Свифт пристигна во Невада неколку минути пред почетокот на мечот, и тоа од Токио, каде што имаше концерт во саботата вечер.

Нивната врска стана тема на мемиња, таблоиди, па дури и на теорија на заговор, според која триумфот на Чифс на Супербоулот требаше да му помогне на Џо Бајден да победи на изборите. Во тој поглед, Доналд Трамп вчера изјави дека би било нелојално од Свифт доколку му даде поддршка на Бајден.

Покрај тоа што го потпишав законот со кој им се овозможи на уметниците да добиваат тантиеми кога нивните песни се стримуваат, ми се допаѓа и нејзиното момче Тревис“, кажа Трамп.

Иако на некои тврдокорни фанови на НФЛ не им се допадна целото внимание што го добива Свифт, нејзината огромна популарност придонесе да се зголеми бројот на гледачи на овој спорт. Во една неодамнешна анкета, 21% од Американците на возраст од 18 до 34 години кои планирале да го гледаат Супербоулот рекле дека присуството на Свифт влијаело врз нивната одлука.

(Фото: Гети)