МАКЕДОКС ЌЕ ПРОМОВИРА ПЛАТФОРМА СО БАЛКАНСКИ ДОКУМЕНТАРЦИ НА БЕРЛИНАЛЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс на 18 февруари ќе ја промовира новата ВОД-платформа во рамките на европскиот филмски пазар на Берлинскиот филмски фестивал (15-25 февруари), преку која европската публика во наредните две години ќе може да погледне повеќе од 70 документарци од автори во подем.

Платформата претставува една од активностите на мрежата на фестивали „Doc Around Europe“, чиј основач е МакеДокс, заедно со Докс Барселона (Шпанија), ФИПАДОК (Бијариц, Франција), ДОК.фест Минхен (Германија) и Верзио од Будимпешта.

„Како фестивал кој доаѓа од земја со низок аудиовизуелен капацитет, МакеДокс има за цел да го промовира балканскиот документарен филм преку активностите на мрежата“, велат од Фестивалот.

Мрежата ги започна своите активности во 2020 со цел да се промовираат млади автори и автори во подем, а висококвалитетни европски документарци да допрат до пошироката публика и да се зајакне нивното присуство на интернационалните пазари.

Освен тоа што ВОД-платформата ќе биде отворена за публиката ширум Европа, ќе биде креиран и посебен дел наменет само за професионалци од европската филмска индустрија. Во овој дел ќе бидат поставени дополнителни 100 документарни филмови од автори во подем и млади автори.