ОТКРИЕН НАЈСВЕТЛИОТ ОБЈЕКТ ВО ВСЕЛЕНАТА СО ЦРНА ДУПКА КОЈА ГОЛТА ЕДНО СОНЦЕ НА ДЕН

Лондон, (Би-Би-Си)

Астрономите го открија најсветлиот предмет досега во далечната вселена. Станува збор за квазар, светлото јадро на галаксија што се напојува од огромна црна дупка чија маса е 17 милијарди пати поголема од онаа на нашето Сонце. Познат како ЈО529-4351, неговата моќ беше потврдена со набљудувањата од „Многу голем телескоп“ (ВЛТ) во Чиле.

Научниците велат дека црната дупка има незаситен апетит и секој ден голта маса еднаква на едно сонце. Овој објект бил забележан пред многу години, но неговата вистинска сила дури сега е потврдена.

„Изненадувачки е што останал непознат до денес, кога веќе знаеме за милиони помалку импресивни квазари. Тој цело време буквално ни зјапаше во лице“, изјави Кристофер Онкен, еден од астрономите од Австралискиот национален универзитет кои ги вршат набљудувањата со ВЛТ.

Поимот квазар се користи за да се опише галаксија која има многу активно и енергично јадро. Црната дупка во центарот на таквата галаксија ја влече материјата кон себе со огромна брзина. Бидејќи овој материјал се забрзува околу дупката, тој се распарчува и испушта огромно количество светлина, толку многу што дури и оддалечен објект како ЈО529-4351 сѐ уште е видлив за нас. На емисијата на овој квазар ѝ се потребни неверојатни 12 милијарди години за да стигне до детекторите на ВЛТ.

Сѐ што е поврзано со овој објект е зачудувачки. Научниците велат дека енергијата што ја испушта го прави овој квазар над 500 трилиони пати посветол од нашето Сонце.