Мјузиклот „Веселите девојки“ со Тијана Дапчевиќ во една од главните улоги ќе се игра и вторпат во Филхармонијата на 24 март, откако се распродаде првата претстава на 23 март. Заедно со Дапчевиќ, во мјузиклот играат и Маја Брукнер, Зорана Павиќ, Јелена Ѓукиќ, Ивана Петерс и Светлана Сретеновиќ.
„Претставата ја играме од 23 декември 2022 и досега сме ја играле 15 пати во Белград, а останатите 40 се главно градови низ Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На почеток на март имаме претставата во Виена, потоа во Канада на средината на април, а во септември би требало да одиме во Америка. Многу се радувам што конечно ќе ја играм на домашен терен во Скопје и тоа двапати“, ни рече пејачката и актерка Тијана Дапчевиќ.
„Веселите девојки“ е адаптација на истоимениот американски мјузикл и е во режија на Раде Вукотиќ. Тоа е приказна за пет најдобри пријателки од детството кои повторно се собираат на моминска вечер, пред свадбата на ќерката на една од нив. Актерките во мјузиклот пеат познати поп и рок песни од регионот, а музички соработник на новите верзии е Васил Хаџиманов.
Тијана Дапчевиќ вели дека интеракцијата со публиката е она што претставата ја прави забавна. Организатор на македонската претстава е продукцијата „Прагма“.
М. ЏАРОВСКА