СЕМ МЕНДЕС ЌЕ СНИМА ЧЕТИРИ ФИЛМА ЗА „БИТЛС“, ЗА СЕКОЈ ЧЛЕН ПОСЕБНО

Лондон, (Би-Би-Си)

Режисерот Сем Мендес треба да сними четири филма за „Битлс“, по еден од перспектива на секој член на бендот. Пол Макартни, Ринго Стар и семејствата на Џон Ленон и Џорџ Харисон дадоа дозвола и музички права за четирите филма.

Режисерот, кој е добитник на Оскар за „Американска убавина“, рече дека му е „чест што ќе ја раскаже приказната за најголемиот рок бенд на сите времиња“. Филмовите ќе играат во кината во 2027 година. Сѐ уште не е објавено дали тие ќе бидат објавени одеднаш или ќе играат еден по друг.

„Сакаме ова да биде уникатно, возбудливо и епско кинематографско искуство“, вели продуцентката Пипа Харис.