ПОРТУГАЛСКОТО КУЧЕ БОБИ И ОФИЦИЈАЛНО ГО ИЗГУБИ РЕКОРДОТ ЗА НАЈСТАРО КУЧЕ НА СВЕТОТ

Лисабон, (Ројтерс)

Португалското куче Боби, кое угина во октомври, и официјално ја изгуби титулата на најстаро куче на светот откако Гинисова книга на рекорди (ГКР) не пронашла конкретен доказ дека тој навистина живеел повеќе од 31 година. Возраста на Боби прво беше оспорена од некои ветеринари, по што ГКР почна формална ревизија на титулата што му ја додели на Боби во февруари 2023.

Според сопствениците на Боби, семејството Кошта од селото Конкеирош близу западниот брег на Португалија, тој имал 31 година и 165 дена кога угина во октомври минатата година. Претходниот рекорд од 29 години и пет месеци стоеше од 1939 година и го држеше овчарско куче од Австралија.

Боби беше чистокрвен рафеиро до алентежо, португалска раса чиј просечен животен век е меѓу 12 и 14 години. Неговата возраст беше потврдена од државната база на податоци за домашни миленици, со која управува Националното здружение на ветеринари, но истрагата што ја спроведе списанието „Вајрд“ утврди дека нема податоци кои потврдуваат дека навистина бил роден во 1992.

Марк Мекинли, директор во ГКР, изјави дека податоците од микрочипот, добиени од државната база на податоци за домашни миленици, биле клучен доказ во полза на Боби, но се покажало дека чипирањето не барало доказ за возраста на кучињата родени пред 2008.

„Без никакви убедливи докази, едноставно не можевме да го задржиме Боби како рекордер“, кажа Мекинли.

(Фото: АП)