Неговата епска сага „Викинзи“ стана голем светски хит и дури го поттикна туризмот во Скандинавија, успешна беше и неговата друга историска драма, „Тјудорови“, а британскиот сценарист Мајкл Хирст сега ги здружува силите со легендарниот филмаџија Мартин Скорсезе. Тие ќе се обединат во проект за нивната заедничка опсесија: стари Римјани.
Серијата „Цезари“ ќе биде приказна за раните лидери на античкиот Рим, почнувајќи од подемот на Гај Јулиј Цезар. Пилот-епизодата е веќе напишана, како и приказната за остатокот од сезоната и планот е да се направат повеќе сезони. Се очекува снимањето да почне наредната година во Италија.
„Старите Римјани се голема страст на Скорсезе. Тој со години очајнички посакуваше да направи филм или серија за нив. Мартин го обожава тој период од историјата и знае многу за него. Тој се слушна со мојот советник по историја, Џастин Полард и малку зборуваа и на латински“, откри Хирст.
„Викинзи“ привлекува осум милиони гледачи по епизода во Северна Америка.
„Серијата се продаде во речиси секоја држава на светот. Се прикажува во Русија, Кина, секаде, особено таму каде што викинзите стигнале со своите освојувања“, вели Хирст.