Камерниот оркестар „Профундис“ ќе одржи концерт под свеќи во камерната сала на Филхармонијата на 12 април од 20 часот.
Како солист ќе настапи бугарскиот виолинист Марио Хосен. Ќе диригира маестра Ѓурѓица Дашиќ, а оркестарот и Хосен ќе свират дела од Вивалди, Паганини, Холст и Глас. Од „Профундис“ велат дека илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената.
„Продолжуваме со идејата дека камерниот оркестар ‘Профундис‘ ќе биде иновативен, креативен и модерен. Овојпат со концерт под свеќи, кој во моментот е вистинска атракција во 173 града ширум светот. Марио Хосен ќе ги свири ‘Четирите годишни времиња‘ од Вивалди и виртуозното дело ‘Палпити’ од Никола Паганини, кое многу ретко се изведува поради специфичната техничка виртуозност и спаѓа во топ-10 најтешки дела за изведба на виолина. На концертот ќе има и праизведба на дело од Филип Глас“, изјави Дашиќ.
Влезниците за концертот ги има преку продажната мрежа на МК Тикетс.