УЧИЛИШТЕ ВО ЛОЗОВО ДОБИ СОВРЕМЕНА БИБЛИОТЕКА СО МЕДИОТЕКА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Основното училиште „Методиј Митевски Брицо“ во Лозово доби нова, современа библиотека со медиотека. Наместо досегашниот простор, кој не ги задоволуваше потребите на учениците, се оформи нов, кој досега се користел како магацин. Проектот е реализиран заедно со Мировниот корпус од САД.

„Руинирани простории кои не се користеа две-три децении ги пренаменивме во нов современ простор, библиотека со медиотека. Таа нуди доста можности во новото време. Тука учениците можат да дојдат книга, лектира, енциклопедија или друга литература. Имаме светска книжевност, англиска, француска, имаме и многу македонски автори. Учениците препознаваат дека просторот е квалитетен и добар за работа“, кажа директорот на училиштето Горан Велков.

Новиот простор нуди и дополнителни можности. Наставниците го користат за воннаставни и за слободни ученички активности, а формирана е и секција за млади библиотекари.

„Ова е место каде што можат да гостуваат поети и писатели и да промовираат книги. Може да се прикажуваат филмови согласно наставната програма на Министерството за образование“, вели Велков.

Библиотеката брои седум-осум илјади наслови, а две-три илјади уште не се префрлени од претходниот простор. Околу илјада книги се донации од жители на Лозово.

Училиштето „Методиј Митевски Брицо“ има 211 ученици и четири подрачни училишта до петто одделение во Дорфулија, Милино, Сарамзалино и Каратманово. Сите ученици можат да ја користат библиотеката, како и луѓе од сите возрасти од околината.

П. ПЕЧКОВ