Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, се пошегува за своите уши и побелена коса и ја пофали својата згодна сопруга Мишел, при откривањето на нивните официјални портрети во музејот „Смитсонијан“.
Брачната двојка Обама ги избра уметниците Кехинде Вајли и Ејми Шералд за нивните слики, кои ќе бидат поставени во колекцијата на претседателски портрети.
Вајли и Шералд се првите црномурести уметници од кои некогаш било нарачано да насликаат претседател или прва дама за „Смитсонијан“.
На портретот од Вајли, поранешниот претседател е прикажан како седи на кафеав стол, со позадина со светлозелени лисја и шарени цвеќиња.
Сликата на Шералд ја прикажува Мишел во седечка положба, облечена во долг тесен фустан со геометриски форми. Според „Харперс базар“, фустанот е од американскиот бренд „Мили“, од дизајнерката Мишел Смит. Моделот е од колекцијата пролет 2017, кој беше претставен на Њујоршката модна недела во септември 2016 година.
Обама, првиот црномурест претседател на САД, ѝ се заблагодари на Шералд за нејзиниот портрет на Мишел.
„Сакам да ви се заблагодарам за толку спектакуларниот приказ на грациозноста, убавината, интелигенцијата, шармот и на сексапилноста на жената што ја сакам”, рече Обама и се пошегува:
„Се обидов да преговарам да имам помалку сива коса, но уметничкиот интегритет на Кехинде не би му дозволил да го направи тоа. Се обидов да преговарам и за помали уши, ни тоа не го добив“.
Уметничкиот критичар на „Њујорк тајмс“, Холанд Котер, изјави дека бил импресиониран од необичниот изглед на Барак Обама, но е разочаран што во портретот на Мишел фокусот е на нејзиниот фустан.