ЕУ ГИ ЗАРОБИ ЖЕНИТЕ, ВЕЛИ ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ЗАСКИТАНИ ТЕЛА“, СОЛУНСКАТА ПРЕМИЕРА ЈА ЧУВАШЕ ПОЛИЦИЈА

Солун, (СМАРТ СДК.МК)

Специјално од Солун за СМАРТ СДК.МК: Марина КОСТОВА

Документарецот „Заскитани тела“ на грчката режисерка Елина Псику на плакатот има бремена жена распната на крст под ореол од ѕвездите на Европската унија (ЕУ). Синоќа филмот имаше грчка премиера на Фестивалот на документарци кој е во тек, а уште од претпладнето во центарот на Солун, пред киното Олимпион, имаше силно присуство на полициски специјалци, оти разни религиозни и десничарски екстремисти на социјалните мрежи повикаа на масовни протести – на невиден филм, туку само поради тоа што на плакатот била прикажана жена распната како Исус.

Премиерата беше распродадена и многумина гледачи останаа надвор, каде имаше и многу медиумски екипи, униформираните полицајци беа настрана, а многумина од нив во цивилка беа меѓу народот. Немаше никакви тензии до пет минути пред почетокот на проекцијата, кога еден млад човек почна агресивно да се расправа со дел од луѓето пред киното. За час се створи кордон полиција која веднаш го одвои човекот и една мала група околу него од другите присутни и ги потиснуваше подалеку од киното кон главната улица, а по нив трчаа медиумските екипи. Во еден момент, една повозрасна жена извади голем дрвен крст и почна да мавта со него, но немаше некоја особена реакција па целиот обид за протест брзо се растури.

Премиерата беше распродадена и многумина гледачи останаа надвор, каде имаше и многу медиумски екипи, униформираните полицајци беа настрана, а многумина од нив во цивилка беа меѓу народот. (Фото: ТДФ)

Во „Заскитани тела“ Псику укажува на небулозните разлики во законодавството во земјите-членки на ЕУ поради кои сериозно се кршат правата на жените, меѓу кои и репродуктивните права. Во Малта е забранет абортусот, лекар добива казна затвор од 4 години ако препише таблета за абортус, па Малтежанките одат да абортираат во Италија. Во Италија е забрането ин витро за жени кои се самици односно без партнер, па Италјанките одат на вештачко оплодување во Грција. Во Грција е забранета евтаназија, па терминално болните ако сакаат да си ги скратат маките одат во Швајцарија.

Сцена од „Заскитани тела“. (Фото: ТДФ)

Низ лични приказни на жени од секоја од овие земји, Псику ја покажува ужасната репресија поради неусогласеноста на законите во современата Унија. Но, она што е највознемирувачко во филмот се исказите на радикално десничарските и религиозни активисти, во чии ставови просто нема место за дијалог, а не пак за разбирачка.

Во филмот има и експлицитната сцена на изведување евтаназија врз пациентка од Франција во клиника во Швајцарија, што ја води лекарка која е единствено медицинско лице во земјата со лично семејно искуство за потпомогнато самоубиство. Навидум шокантно, но кога целиот процес ќе се гледа објаснет со клиничка прецизност, фокусот се става на правото на избор за достоинствена смрт што секој неизлечиво болен треба да го има, ако живеачката со болеста веќе не е само болна туку и недостоинствена.

 

Фото: Грчката режисерка Елина Псику на премиерата на филмот на Солунскиот фестивал / Плакатот за „Заскитани тела“. (Фото: ТДФ/Смарт.СДК.МК)