ПРОМОЦИЈА НА КОМПИЛАЦИСКАТА ПЛОЧА „ПОП КУЛТУРА“ ВО ЧЕСТ НА МИРКО ПОПОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првата компилациска плоча за современата домашна поп продукција насловена „Поп култура“ ќе биде промовирана утре (29 март) од 19 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје. Настанот ќе биде посвета на неодамна починатиот Мирко Попов, кој ја основа платформата „Силата ЕУ младите“, која ја издаде плочата.

На компилацијата се наоѓаат песни од Аудио Цигла, Миа Перевска, Дина Јашари, Андреја Салпе, Зи, Јанг Дади, Матеј Фолц и Слаткаристика.

„Ако Југославија го имаше албумот ‘Пакет аранжман‘ како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран на поп музиката на компилацијата ‘Поп култура‘, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Оваа плоча беше голема радост за Мирко Попов, чија промоција, за жал, не ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во ‘Лабораториум‘“, објави тимот на „Силата ЕУ младите“.

Како основач и движечка сила на дискографските куќи „ПМГ рекордингс“ и „ПМГ џез“, Мирко Попов, кој почина на 24 март на 51 година, беше најангажираната личност на полето на музичкото издаваштво во Македонија.