КАНАДСКИОТ РЕГИОН НИЈАГАРА ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, МИЛИОН ЛУЃЕ ЌЕ ГО ГЛЕДААТ ПОМРАЧУВАЊЕТО НА СОНЦЕТО КАЈ ВОДОПАДИТЕ

Канада, (Ројтерс)

Канадскиот регион Нијагара прогласи вонредна состојба во пресрет на целосното помрачување на Сонцето кога се очекува стотици илјади луѓе да се соберат околу популарните водопади за да уживаат во спектаклот. Шефот на регионот Џим Бредли изјави дека прогласува вонредна состојба од претпазливост.

Светски познатите водопади, кои се наоѓаат на американско-канадската граница, ќе бидат на патот на помрачувањето на 8 април и многумина резервирале хотели и други сместувачки капацитети во околината за тој ден.

„Мислам дека тоа ќе биде најголемата маса луѓе што некогаш се собрала на канадската страна на водопадот“, изјави градоначалникот на градот Нијагарски Водопади, Џим Диодати.

Едно од најголемите природни чуда во Северна Америка годишно го посетуваат 14 милиони луѓе, а Диодати очекува само за помрачувањето да дојдат околу еден милион.

Годинашното целосно помрачување ќе почне над Кукови Острови во Тихиот Океан, па преку мексиканскиот брег и реката Рио Гранде ќе премине од Мексико во САД, каде што ќе може да се види во 13 сојузни држави. Потоа спектаклот се сели над канадските провинции Њу Брансвик и Њуфаундленд. Сенката на Месечината ќе се тргне од лицето на Земјата над Атлантскиот Океан, околу 1.200 километри западно од Нормандија, Франција. Европа овојпат ќе биде одмината.

(Фото: АП)