ПОРАНО ДА СЕ БИДЕ НОВИНАР ЗНАЧЕШЕ ДА СЕ БИДЕ ПРОФЕСИОНАЛЕЦ, СО СОЛЗИ СЕ СЕЌАВААТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД ЗГАСНАТОТО РАДИО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Не постои битолчанец, па и слушатели од поширокиот регион кои не ја паметат најавата „Зборува Радио Битола на бранова должина од 226,7 метри“, а подоцна и на „ултракратки бранови од 102,6 мегахерци”. Според раскажувањето на дел од новинарите, фреквенцијата била толку јака што слушатели имале дури и на Титовиот брод „Галеб“ некаде на Јадранското Море. Но, култното Радио Битола, најстарата локална радиостаница во државата, веќе 15 години не се емитува програма, откако во 2009, заедно со 29 други локални радиостаници, не доби можност да се приватизира и беше затворено.

Иако радиото денес не постои, опстана неговиот дух преку средбите на некогашните вработени, непоправливи вљубеници во новинарската професија, кои по 15. пат се собраа по повод 27 март, роденденот на Радио Битола.

„Имаме многу шеги и убави спомени, си поприкажавме за славните времиња кога секоја позната личност која доаѓаше во Битола мораше да гостува во нашите емисии. Низ нашата програма поминаа многу оркестри, и народни, и забавни, а програмата се емитуваше во живо. Ги пренесувавме сите градски пулсирања, бевме главниот извор на информации за слушателите, преку нас се радуваа, тагуваа, израснаа генерации, битолчани живееја со радиото цели 59 години“, раскажува Данка Јанковска, долгогодишна новинарка и поранешна директорка на радиото.

Некогашните вработени по 15. пат се собраа по повод 27 март, роденденот на Радио Битола. (Фото: С. Ставрев)

Радио Битола беше медиум познат по професионалноста на новинарската екипа. Поранешните вработени се сеќаваат дека во минатото да се биде новинар значеше да се биде професионалец, втора опција немаше.

„Потоа времињата се сменија. Голема штета, 29 радија згаснаа без потреба. Баравме само да продолжиме со работа. Едноставно нѐ затворија. Ние можевме со помош од фирми од Битола да опстоиме. За една година ќе наполневме 60 години постоење“, се присети Јанковска, која целиот работен век од 41 година го мина во радиото.

И годинава го посетија некогашниот објект на радиото, каде денес работат други субјекти. Наидоа на заклучени врати на најгорниот кат, каде што работеа радиските студија.

„Објектот беше целосно реновиран со парите на вработените во радиото. Денес ние можеме само да се сликаме таму. Ќе влеземе внатре со голема носталгија. Горните простории каде ни беа студијата се заклучени. И заминуваме со уште поголема болка“, додаваат поранешните вработени во Радио Битола.

Во Државниот архив во Битола зачувани се 600 плочи од некогашната дискографска ризница на Радио Битола. Покрај грамофонскиот фонд, фонотеката на радиото содржи и популарни емисии, џинглови и песни. Зачувани се емисиите „Хроники од Пелагонија“, „Во светот на бајките“, „Спортските вести“, „Поздрави и честитки“ и други.

Ж. ЗДРАВКОВСКА