ИЗЛОЖБА И ХЕПЕНИНГ ВО СКОПЈЕ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА РОМИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повод 8 aприл, Меѓународниот ден на Ромите, институтот „Ромалитико“ ја постави изложбата „Кои сме ние?” во скопскиот трговски центар „Сити мол“. Ќе биде отворена до 14 април. В понеделник од 12 часот ќе се одржи настан за одбележување на Денот на Ромите со музички перформанс и презентација на факти.

„Изложбата претставува можност за граѓаните да бидат дел и да учестуваат на еден интересен час по ромски историја, јазик и култура. На изложбата ќе дознаете кои познати светски личности имаат ромско потекло и ќе научите по некој збор од миниречникот на ромски јазик, како и факти од историјата и културата на Ромите. Изложбата се одржува по вторпат, а идејата е да ја доближиме нашата историја до нашите сограѓани и да го одбележиме Светскиот ден на Ромите“, велат од „Ромалитико“.

Изложбата е достапна на македонски и англиски јазик.

Институтот „Ромалитико“ организира и хепенинг на сцената Школка во Градски парк на 13 април. Од 11 часот ќе има креативна работилница за деца, перформанс на традиционални ромски друштва и музички бенд и читање на ромска поезија.