СТУДИРАМ ПСИХОЛОГИЈА ЗАШТО Е ПОВРЗАНА СО МУЗИКАТА, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА АНА ПЕТАНОВСКА, ЕДНА ОД ЅВЕЗДИТЕ НА ОСКАРОВСКИОТ ГАЛА КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Иако психологијата е нејзината вистинска професија, Ана Петановска е една од нашите најдобри млади поп-рок пејачки. Гостинка е на речиси сите концерти во Операта последниве години: Василичарскиот, концертите на битолскиот Камерен оркестар со Ем-Ти-Ви хитовите, а публиката ја воодушеви и ја крена на нозе на гала концертот со оскаровските хитови во февруари.

„Концертите станаа еден голем дел од мојот музички пат во последниве месеци, а пропратно со мојот бенд настапувам на голем број приватни и комерцијални свирки главно во Скопје, но и пошироко и тоа веќе пет години. Тоа е еден голем дел од моето музичко секојдневие, а настрана од тоа работам на одделни проекти, како снимање на водечки и придружни вокали. Се занимавам и со мојата авторска музика и на моја среќа, имам и доста соработки со други музичари и слични активности“, вели Петановска, која е втора година на студии по психологија.

„Психологијата беше некако избор својствен за онаа изрека ‘до последен момент ќе се премислуваш и на крај на лето ќе се одлучиш’. Секако знаев дека сакам да продолжам со пеењето на кој било начин, но не бев сигурна за студирање музика, па така оставив времето да покаже. Иако музиката ми е повеќе од драгоцена и е моја иницијална желба за студии, сепак, на крајот се одлучив за психологија и најискрено, прилично се пронајдов. Секој ден ми потврдува дека сум го направила вистинскиот избор во овој период од животот, бидејќи на еден специфичен начин наоѓам допирни точки помеѓу двете професии, најмногу во однос на нивната моќ да допрат до луѓето“, ни кажа талентираната пејачка.

Петановска вели дека е неформално музички образована преку мастеркласови и приватни часови. Нејзиниот брат Стефан Петановски и семејството први го препознале и го потенцирале нејзиниот талент, што ѝ било поттик да почне да работи на пеењето.

На концертот Оскаровска гала вечер во Операта, Петановска ја пееше „Пурпурен дожд“ од Принс и публиката ја награди со најголем аплауз и овации (Фото: Приватна архива)

„На моја голема среќа, во животот среќавав многу прекрасни луѓе од различни сфери кои ги поддржуваа мојот талент и мојата желба за музиката на многу начини“, вели Петановска.

Таа настапи на концертот „Џингл белс симфонија“ минатата година во Филхармонијата, заедно со колешките Сара Мејс, Теа Богатинова, Калина Велковска и Полина Тасева и со Камерниот оркестар на Битола испеаја обработки на новогодишни и божиќни хитови.

„Мојата биографија засега содржи неколку авторски песни, три се на мојот јутјуб канал: ‘Можеш ли да избегаш’ (Can You Get Away), ‘Хаја’ и ‘Викни ме’. Имам бројни соработки каде што ги напишав текстовите и мелодиите, а имам и искуство во снимање придружни вокали за авторски материјали на мои драги колеги. Во дел од мојот авторски материјал спаѓаат и две песни од албумот ‘Ерос‘ на брат ми Стефан“, вели пејачката.

На концертот Оскаровска гала вечер во Операта, таа ја пееше „Пурпурен дожд“ (Purple Rain) од Принс и публиката ја награди со најголем аплауз и овации. Петановска вели дека за изборот на песните се погрижил пејачот Горан Наумовски.

„Благодарение на него, не можеше подобро да излезе резултатот, бидејќи таа песна е со мене откога почнував со пеењето. „Пурпурен дожд“ е една од песните која секогаш ќе ме трогнува на посебен начин, ми се чини најмногу поради тоа што во текот на годините ја имам изведувано во различни периоди од животот и во многу различни ситуации. Песната е едно од нештата кои ми останале како конфорна зона покрај сите промени во животот“.

М. ЏАРОВСКА