ИЗЛОЖБА НА УМЕТНИЧКИ МЕДАЛИ НА НАДЈА РОЗЕВА ВО ЧИФТЕ АМАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 11 април од 19:30 часот, во Чифте амам ќе биде отворена изложба на уметнички медали и други дела на Надја Розева. Медалните скулптури се создадени помеѓу минатата и оваа година.

Ова е прва изложба од ваков вид во Македонија со цел да го насочи вниманието на јавноста кон жанрот на уметничкиот медал. Розева во својата изложба вклучи еден од архитектонските и културните симболи на Скопје,  Старата пошта со идеја да го насочи вниманието на јавноста кон итната потреба од нејзино реставрирање. Изложбата ќе трае до 7 мај.

Розева е уметник и дизајнер, кој работи во областа на медалната скулптура, јувелирството и продукцискиот дизајн. Таа е студентка на професорот Богомил Николов, кој од неодамна е прогласен за почесен доктор на Националната академија на уметности (НХА) во Софија и е добитник на најпрестижната светска награда за медална скулптура на Американското нумизматичко здружение „Салтус“. Розева почнала да изработува медална скулптура пред повеќе од 20 години по завршувањето на постдипломските студии по маркетинг на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, САД. Во 2003, таа беше поканета да учествува на работилницата за медална скулптура на професорот Николов во студиото за медална скулптура во Националната академија на уметности (НХА). Работела од далечина под негов надзор неколку години, а потоа магистрирала на одделот „Медал“ на НХА.

Делата на Надја Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, Шведска, музејот „Берген“ на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија, Софија, Бугарија, Музејот на монети и медали во Кремница, Словачка и други.