ДА ЈА СПАСИМЕ ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА ОД ОЧАЈ, ВЕЛАТ ОД БИТОЛСКОТО СРЕДНО УЧИЛИШТЕ „ТАКИ ДАСКАЛО“, КОЕ ОРГАНИЗИРА КРЕАТИВЕН ДЕН

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Во Битола, која отсекогаш важела за град на луѓе со моден вкус и каде што во минатито имаше неколку текстилни фабрики, денес само во средното општинско училиште „Таки Даскало“ опстојува текстилната струка која нуди образование за учениците кои сакаат да бидат дел од светот на модните креатори.

Училиштето, посебно со ангажман на професорките од оваа струка, заедно со продуцентката Весна Божиловиќ трета година по ред организираат Креативен ден со ревија на модни дизајни кои ги сработиле учениците во соработка со модни креатори. Како предвесник на настанот, денеска во Офицерскиот дом се одржа креативна работилница со цел поголема афирмација на струката.

Фото: СМАРТ СДК.МК

„Го избрав ова училиште бидејќи од мала имав желба да станам модна креаторка. Гледав модни ревии на телевизија. Открив дека во Битола може да се учи овој смер. Сакам да продолжам со високо образование и да бидам модна креаторка, па ова училиште ми дава добра основа за тоа“, вели средношколката Тамара Ѓоргиевска.

Учениците од текстилната струка имаа можност да се претстават со нивни цртежи и модни креации, како и со рачни изработки од текстил и модни додатоци. Тие по завршувањето на средното училиште ќе станат техничари за моден дизајн, што пак им дава можност да отпочнат свој бизнис.

Фото: СМАРТ.СДК.МК

„Сѐ правиме да ја афирмираме нашата текстилна насока. Имаме новини во последните години, не е само обично шиење на машина. Применуваме најразлични техники на декорација на изработените модели. Ги учиме учениците на плетење, ткаење, везење, печатење на текстил. Минатиот викенд бевме во Мецово, Грција, каде што на Денот на волната имавме работилници и видеопрезентација која наиде на голем интерес“, вели Анита Стефановска, наставник по текстилни стручни предмети.

Фото: СМАРТ СДК.МК

Сите активности имаат за цел да се поттикнат младите да се запишат на оваа насока и да се занимаваат со моден дизајн. Струката опстојува педесетина години, но во четврта година во училиштето ја учат само седуммина ученици. Сепак, во пониските класови бројката се зголемува.

Фото: СМАРТ СДК.МК

„Поканивме доста интересни гости од модни академии, дизајн студија и фирми кои се грижат за текстилниот отпад. На сите заедничка точка им е текстилот. По третпат ќе организираме Креативен ден, на што нѐ поттикнаа љубовта кон модата, очајната состојба во која досега се наоѓаа текстилот и текстилната струка и желбата да го подобриме имиџот на струката во градот, да ги мотивираме идните средношколци да се одредат за оваа струка, која е креативна“, рече Весна Божиловиќ, продуцентка и иницијаторка на Креативен ден.

Ж. ЗДРАВКОВСКА