И СКОПЈЕ СТАНА ДЕЛ ОД СВЕТСКИОТ ТРЕНД – ОРКЕСТАРОТ „ПРОФУНДИС“ ОДРЖА УНИКАТЕН КОНЦЕРТ СО СВЕЌИ НА СЦЕНАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Камерниот оркестар „Профундис“ сношти одржа уникатен концерт во Филхармонијата, со илјадници (вештачки) свеќи кои беа поставени на сцената.

Својата виртуозност на виолина ја покажа солистот, гостинот од Бугарија Марио Хосен, кој отсвире два соло биса на крајот. Концертот траеше два часа, а публиката, но и оркестарот и солистот беа подготвени за уште.

Профундис“ избра популарни дела од класиката, како „Четирите годишни времиња“ од Вивалди. Се свиреа и дела од Паганини, Холст и Глас, на кои, за жал, публиката аплаудираше меѓу ставови, не знаејќи дека делото не е завршено.

Свеќите на сцената беа вештачки (Фото: Ѓ. Личовски)

Браво за „Профундис“ што и во Скопје го донесе светскиот тренд кој е атракција во повеќе од 170 градови – концерт со свеќи на сцената, зашто музичкото уживање е подобро кога ќе се надополни со визуелен ефект. Со оркестарот диригираше маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Драго ми е што со гостинот го свиревме виртуозното дело ‘Палпити’ од Никола Паганини, кое многу ретко се изведува поради специфичната техника и спаѓа во топ-10 најтешки дела за изведба на виолина“, изјави Дашиќ.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ