Повеќе од 400.000 соларни системи се инсталирани во Германија, најголем дел од нив на балкони на приватни домови. Новите податоци покажуваат дека најмалку 50.000 вакви уреди биле поставени во првото тримесечје на оваа година, со што, велат експертите, Германија вложува во „многу силна соларна култура“.
„Соларните балкони се дел од пошироката енергетска транзиција во Европа. Имаме тренд на користење на сета можна вештачка инфраструктура за соларно производство“, вели Јан Осенберг, политички советник во Европското здружение за соларна енергија.
Соларните балкони се доста помали системи од панелите кои се поставуваат на покриви. Тие во суштина се состојат од еден или два панела вклучени во штекер и според Осенберг, произведуваат само 10% струја од количеството што се добива од кровните системи.
Во исто време, соларните балкони се инсталираат многу полесно од кровните панели. Опремата се купува онлајн и нема потреба од електричар за нејзино поставување, па луѓето добиваат лесен пристап до соларната енергија.
Германија беше една од првите земји кои инвестираа во соларна технологија и е европски лидер во производство на струја на ваков начин. Покрај Германија, соларните балкони станаа популарни и во Австрија, Луксембург, Франција, Италија и Полска.
(Фото: Јуроњуз)