„Ролинг стоунс“ покажаа дека не размислуваат за запирање или успорување откако во Хјустон ја почнаа новата турнеја.
Еден од најголемите бендови на сите времиња настапува повеќе од 60 години. Фронтменот Мик Џегер и гитаристот Кит Ричардс веќе имаат 80 години, а и другиот гитарист Рони Вуд не заостанува многу со своите 76 години. Сепак, за време на двочасовниот концерт тие свиреа со енергија на бенд кој е на почеток на кариерата.
„Нивното ниво на енергија е секогаш високо. Возраста воопшто не доаѓа до израз“, кажа Дејл Скјерсет, продукцискиот директор на групата.
„Стоунс“ тргнаа на нова турнеја откако лани го објавија албумот „Hackney Diamonds“, нивни прв со нова музика од 2005 година. На турнејата што ќе трае до 17 јули бендот ќе посети 16 градови во САД и Канада.