ЛУКА МОДРИЌ СЕ ВПИША МЕЃУ НАЈТРОФЕЈНИТЕ ИГРАЧИ ВО ИСТОРИЈАТА НА РЕАЛ МАДРИД

Мадрид, (АП)

Реал Мадрид вчера ја потврди својата 36. шампионска титула, а капитенот Лука Модриќ се впиша меѓу најтрофејните играчи во историјата на клубот. Тоа е 25. титула за легендарниот хрватски фудбалер во дресот на „кралскиот клуб“, со што се израмни со рекордерите Марсело, Карим Бензема и Начо Фернандес.

Модриќ, кој во септември ќе наполни 39 години, пристигна во Реал од Тотенхем во 2012 и на овој трансфер во почетокот се гледаше со голема скепса. Тој не само што ги демантираше критичарите, туку стана еден од најзначајните играчи во поновата историја на клубот.

Во Ла Лига досега одигра 356 натпревари и постигна 28 голови и четири пати го предводеше до шампионската титула. Модриќ исто така има две титули во Кралскиот куп, пет во шпанскиот Суперкуп, пет во Лигата на шампионите, четири во Европскиот Суперкуп и пет од Светското клупско првенство.

Модриќ и Начо дополнително ќе можат да ја подобрат својата статистика до крајот на сезоната зашто Реал е во игра и за освојување на Лигата на шампионите.

(Фото: АП)