КРАТКИОТ ФИЛМ „МАЛА ШЕГА“ НА ТРИФУН СИТНИКОВСКИ ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ОДЕНСЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Краткометражниот игран филм „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски влезе во официјалната селекција на Филмскиот фестивал во Оденсе, Данска. „Мала шега“ е во продукција на „ДНФ филмс“, копродуциран од ИРЛ од Македонија и „Изван фокуса“ од Хрватска.

Филмот раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура, а главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова, музиката ја напиша Мартина Силјановска, а костимографијата е на Марта Дојчиновска.

Фестивалот ОФФ постои од 1975, а кратките филмови кои таму се прикажуваат се квалификуваат за Оскари и за Европски филмски награди. Оваа година ќе се одржува од 26 август до 1 септември.