Полицијата на Лос Анџелес кажа дека отворила истрага за смртта на актерот Метју Пери. Ѕвездата на серијата „Пријатели“ почина во октомври од „акутни ефекти на кетаминот“, објавија медицински лица тогаш.
Истрагата ќе се фокусира на тоа како 54-годишниот Пери го набавил кетаминот пронајден во неговиот организам. Смртта на Пери, кој беше пронајден удавен во џакузито во својот дом, беше опишана како несреќен случај.
Полицијата на Лос Анџелес потврди дека соработува со Агенцијата за борба против дрога и Поштенската инспекциска служба во истрагата. Не е познато во која фаза е истрагата и дали некој бил испрашан.
Покрај тоа што во крвта на Пери било пронајдено високо ниво на кетамин, како други фактори кои придонеле за неговата смрт се наведени коронарна артериска болест и ефектите на бупренорфин.
Познато е дека Пери користел лекарски надгледуван кетамин за лекување депресија и анксиозност, но последниот третман го имал една и пол недела пред да почине.