Повеќе од 600 вработени во „Макстил“ со нивните семејства и децата од СОС Детско село денеска (1 јуни) пред Управната зграда на компанијата имаа спортски активности и различни тематски работилници. На настанот имаше и интерактивна музичко-драмска претстава, групно танцување и настап на музички бенд.
1 јуни е Ден на згрижувачките семејства.
На традиционалниот семеен ден на „Макстил“ годинава се приклучија 20 згрижувачки семејства со 60-тина деца од СОС Детското село. Од оваа година „Макстил“ стана нов стратешки партнер на СОС Детско село и зеде под закрила една од згрижувачките куќи, обезбедувајќи целосно покривање на трошоците за пет деца и нивното згрижување во текот на цела година.
„’Макстил’ и СОС Детско село, сега се еден вид семејство и соодветно беше нашиот семеен ден да го поминеме со новите членови на семејството. Да се градат семејни вредности, да се поддржуваат ваков тип проекти за нас е многу повеќе од зборови, и повеќе од финансиски средства. Со ова наше стратешко партнерство сакаме да покажаме дека со поинаков пристап може навистина да се направи голема промена“, изјави Марија Дуковска – Павловска, генерална директорка на „Макстил“.