ПАЈО ПАТОРОТ ПРОСЛАВИ 90 ГОДИНИ ОД ПРВОТО ПОЈАВУВАЊЕ ВО ЦРТАН ФИЛМ

Берлин, (Дојче веле)

Несмасен, темпераментен и често баксуз, Пајо Паторот дебитираше во цртан филм на 9 јуни 1934 и неговата „кариера“ трае до денес. Креаторот Волт Дизни своевремено го нарекол „проблематично дете“ меѓу неговите главни анимирани ликови.

Пајо Паторот, чие оригинално име е Donald Fauntleroy Duck, првпат се појави во филмската уметност во краткиот анимиран филм „Мудра мала кокошка“ (The Smart Little Hen) од 1934. Во него е прикажан како лик кој не сака да работи. Набргу потоа, Пајо се појави во цртан филм како пргавиот противник на Мики Маус и ова ривалство продолжи да трае со децении.

Пајо Паторот се појавува во повеќе од 150 филмови, најмногу од сите ликови на Дизни. 

Во анимираниот филм за Втората светска војна „Лицето на фирерот“, Пајо има кошмар дека живее во Германија за време на нацистичкиот режим. Осум филмови со Пајо Паторот биле номинирани за Оскар и овој е единствениот што беше награден, во 1943 година.

Содржините со Пајо Паторот подоцна се проширија во цел универзум, а во 2004 тој доби ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.