УПРАВУВАЊЕ НА ДОМАЌИНСТВОТО ПРЕКУ ТЕЛЕФОН БЕШЕ МЕЃУ ИДЕЈНИТЕ ПРОЕКТИ НА МЛАДИТЕ НА САЕМ ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Домашна инсталација која се управува преку телефон, робот кој гасне пожари и ги штити човечките ресурси, улични семафори на сензори и вентилатор на температурен сензор кој самиот се вклучува и исклучува се дел од проектите со кои учениците од Средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола се натпреваруваа на настанот „Нова енергетска визија за Битола“, во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Битола и „Еко-свест“.

„Изработивме макета на домашна инсталација што треба да ја има во секое домаќинство, но во понова верзија, која може да се управува и преку телефон. Кога не сме дома можеме да даваме команда да се вклучи бојлерот, да се вклучат или исклучат светилки, да се подигнат ролетни, да се отворат брави. Ако дојде до поплавување или ако има движење во објектот, да добиеме порака на телефон“, рече Мартин Наумовски, ученик во „Ѓорги Наумов“.

На саемот беа презентирани 10 технички изработки кои ја претставија идејата на младите за енергетската иднина на Битола (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Настанот е дел од проектот „Битола без јаглен“ кој има цел да ја подигне јавната свест за штетноста од користење фосилни горива во работењето на термоцентралите во Битолскиот Регион.

„На саемот беа презентирани 10 технички изработки кои ја претставија идејата на младите за енергетската иднина на Битола. Имаше и изложба на 23 технички илустрации, изработени од млади од 15 до 35 години. И саемот и илустрациите беа со натпреварувачки карактер. Во визија-кафе имаше симулација на кафуле со специјално подготвено мени за кафе со осум проекти. Младите со скенирање на некој од проектите можеа да се информираат повеќе за нив и да си нарачаат кафе“, рече Марија Мерковска-Крушаревска од МКЦ Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА